За Пехчево

Pehcevo

Распослано на двата брега на Пехчевска Река, под падините на планината Влаина на надморска височина од 1.000 метри, се наоѓа нашето Пехчево, живописно место  опколено со големи и длабоки борови шуми, ладни потоци, и чист планински воздух.
Иако мало, ова гратче има долга историја. Постанокот на Пехчево според народните преданија и расположливите пишувани документи е поврзан со доаѓањето на Турците на Балканскиот полуостров. За постоењето на оваа старата населба зборуваат и многуте имиња и темелите на старата римска населба во која се топела рудата од околните рудници. Според жителите на Пехчево токму по тие печки населбата го добила името.
Густите шуми испреплетени со патеки ќе ве однесат до Раковец, каде што се наоѓала старата римска рударска населба. Во средновековието населбата била важен стопански и административен центар. Се верува дека во близина на Пехчево се наоѓаат темелите на средновековниот книжевен центар Равен, каде што браќата Кирил и Методија ја создале глаголицата, најстарото писмо на Словените.
Податоците за овој крај велат дека градот според занимањата на жителите бил поделен на три маала. Во маалото Катеринци, најгоре во близина на пасиштата, живееле сточари. За да се дојдело до тоа маало, луѓето морале да се “катарат” или искачат. Во Горно маало живееле трговците и занаетчиите, а долномаалци биле земјоделци и градинари.
Во селото се наоѓаат и темелите на стариот манастирски комплекс “Света Петка” од 6 век. Денес во општина Пехчево живеат 5 517 жители на површина од 206 км2.
Иако мала оваа општина има силна визија за успех и развој во иднина. Со огромниот потенцијал што го поседува, Пехчево станува поволна инвестиција за сите што сакаат да дојдат, да го посетат, да се одморат но и да останат.

Општина Пехчево © 2013 - Сите права се задржани.

Изработил Сашко Павловски