Пехчево

карта Пехчево

Општината Пехчево е една од помалите во Репулика Македонија со површина од само 208 км кв. Се наоѓа во крајниот источен дел на државата, покрај самата граница со Бугарија. Всушност најисточната точка на општината кај врвот Ченгино Кале (1745 м) е најисточна точка и на Република Македонија. Инаку, општината Пехчево е сместена на возвишението (превалот) помеѓу Беровската и Делчевска Котлина, на надморска височина од околу 700 до 1932 метри. На запад е заградена со ниската планина Бејаз Тепе (1348 м), а на исток со Влаина (Кадиица, 1932 м) која е втора по височина во источниот дел на Македонија (веднаш зад Осоговски Планини, 2252 м). На југоисток пак е заградена со највисокиот дел на Малешевски Планини (Џами Тепе, 1803 м). Административно, општината Пехчево граничи со општината Берово на југ и општината Делчево на север, а на исток со општината Симитли во Бугарија. Се состои од вкупно 7 населени места, Пехчево и 6 селски населби (Панчарево, Црник, Негрево, Умлена, Чифлик и Робово) во кои живеат нешто над 5000 жители (од кои 3200 жители во градот Пехчево). Комуникациски е добро поврзано со регионални патишта кон Делчево, Берово и Виница (Кочани), а оддалеченоста од Скопје изнесува 170 км или 2,5 часа. Исто така, асфалтни патишта има до секое село во општината, потоа до туристичкиот локалитет Равна Река и други локалности. Вкупната патна мрежа во општината Пехчево изнесува над 150 км.

Pehcevo

Во однос на природните карактеристики, без оглед на малата површина, општината Пехчево е доста интересна и разновидна. Во геолошки поглед овој простор е изграден од карпи со различна старост и тоа од најстари прекамбиумски карпи (гнајсеви), преку помлади палеозојски карпи (шкрилци, гранити), до најмлади плиоцени, проувијални, делувијални, алувијални седименти и други современи наноси кои зафаќаат речиси 70% од површината. На подрачјето на општината, под врвот Кадиица се откриени глеми лежишта на бакарна руда (околу 70 милиони тони и концентрација од 0.2%), кои во најскоро време ќе почнат да се експлоатираат. Околу селата Панчарево и Црник пак, има одредени резерви на јаглен, но со послаб квалитет.

Vlaina

Релјефно, општината е отворена широко кон север (делчевско) и југ (беровско), а на исток и запад се издигаат средно високи планини и тоа Влаина (1932 м) и Малешевски Планини (1803 м) на исток и малата планина Бејаз Тепе (1348 м) на запад. Планините имаат заоблени врвови и била, но доста стрмни страни. Покрај планините, за овој простор е карактеристична долината на реката Брегалница која е длабоко всечена помеѓу Влаина и Малешевски Планини. Како резултат на силното всекување на Брегатница во шкрилците и гнајсевите, долж речното корито се создадени бројни брзаци, мали слапови и водопади високи до 10 м. Водопадите се мали, но атрактивни и привлекуваат се повеќе туристи, посебно откако се уредени со патокази, клупи и пристапни патеки. Атрактивни релјефни форми во општината Пехчево се изградени со претерана ерозија и акумулација на нанос. Поради силните ерозивни процеси, во сливот на Желевица, Пехчевска Река и други се создадени интересни и уникатни форми во вид на долови, мелови и земјани пирамиди. Особено се интересни меловите во долината на Црничка Река широки до 300 м, а длабоки и до 80 м. На нивните страни има помали земјани пирамиди кои се привлечни за фотографирање и набљудување. На 7 км источно од Пехчево, во пазувите на Буковик и врвот Орловец ( 1723 м н.в.), се наоѓа карпестата формација кај народот позната како ,„Вртена скала“. Кај населението постои верување дека карпата има некаква моќ, па според усните преданија, уште од дамнина се верувало дека протнувањето низ карпата им помага на мајките кои немаат деца да си добијат пород или дека им помага на малите деца кои страдаат од лоши соништа и несоница. Всушност, станува збор за природна карпа обликувана низ еден долг временски период со влијание на водата, ветерот, сонцето и мразот.

Водопад Водопад црн дол

Климата на општина Пехчево е континентална со умерено топли лета и студени зими. Преку лето климата е доста пријатна, често и свежа особено во шумските планински подрачја. Како резултат на присојните (јужни) експозиции, осончувањето е подолго од онаа во Берово и изнесува околу 2450 часа годишно. Температурите се движат од -25°С во зимскиот период до преку 30°С во месеците јули и август, меѓутоа многу ретко надминуваат 35°С. Врнежите изнесуваат околу 600-700 мм годишно и главно паѓаат во месеците мај и ноември. Во зимскиот дел од годината тие се во вид на снег, особено во повисоките планински подрачја. Воздухот е доста чист, свеж, а во шумските делови има голема концентрација на кислород, поради што делува терапевтски како „воздушна бања“. На подрачјето на општината Пехчево има десетици слаби, но студени слабоминерални извори. Дел од нив се зафатени за чешми и за водоснабдување. Речната мрежа се состои од околу 100-тина водотеци (со вкупна должина е 540 км), главно периодични или повремени и со пороен карактер. Најдолги водотеци (подолги од 10 км) на подрачјето од општината се: Брегалница, Желевица, Пехчевска Река, Панчаревска Река и други. Поројните водотеци пак, за време на силни врнежи предизвикуваат излевање од коритото, поплави, ерозија и натрупувања на наносен материјал, а во тој поглед особено е карактеристична Желевица. Пехчевска Река која во некогаш била проблематична, во втората половина на минатиот век е многу добро уредена особено низ градот Пехчево. На подрачјето на општината нема езера, освен поголеми локви во највисоките делови на Малешевските Планини во близина на Ченгино Кале.

Вегетациски, најголем дел од општината Пехчево е покриен со листопадни, иглолисни и мешани шуми. Во изворишниот дел на Брегалница се застапени густи природни комплекси на букови, борови и елови шуми, што е реткост за источниот дел на Македонија. Покрај шумите, голема површина зафаќаат пасиштата, а се јавуваат и повеќе ендемични растенија како што е раритетната „муволовка“ (Drosera Rotundifolia) која ги „зграбува“ инсектите што ќе застанат на нејзиниот цвет. Во овој простор има повеќе лековити растенија и пеќурки кои ги користат локалните жители. Животинскиот свет е доста разновиден особено во густите шумски подрачја, каде се јавува крупна дивеч, ситни цицачи, разни птици и др.

festival2013-14 finale35

Покрај интересните природни карактеристики, општината  Пехчево е примамлива по архаичните селски населби, обичаите и начинот на живот во нив, како и по бројните манифестации. Во чест на празникот Павловден, градот Пехчево традиционално го организира Фестивалот на дувачки оркестри кој има за цел да ја промовира традиционалната музика и на дувачките оркестри да им овозможи поголема афирмација. Најспектакуларно беше последното издание во 2013 година, на кое присуствуваа бројни гости и посетители од Македонија, но и од странство. Оваа манифестација, полека но сигурно прераснува во една од најголемите од таков вид во Македонија.

Рибник Пеком opstina 7 Septemvri 2010 330

opstina Septemvri 2010 146 Патоказ Водопади

Развојот на туризмот и угостителството во последно време го има главното место во развојот на општината Пехчево. Како туристичка населба се издвојува „Равна река“ во чија близина се наоѓаат „Пехчевските водопади“, „Чабуковски водопади“, „Дебел рид“ и „Црн дол“. Во близина се наоѓа и шумскиот парк „Скокото“ со истоимениот водопад. Овде се изградени два мотели: Загорка и Идила кои располагаат со сопствени рибници во кои се одгледува калифорниска пастрмка. Овој локалитет располага и со приватни вили за сместување, спортско игралиште за фудбал и кошарка, базен во рамките на мотелот Идила, место за пикник (летниковци), патеки за велосипеди и пешачки патеки. На територијата на Малешевијата има маркирано пет пешачки патеки. Дел од пешачките патеки може да се искористат и за планински велосипедизам. Доколку немате сопствен велосипед, може да изнајмите во туристичкиот центар на градот Пехчево. Можеби најинтересна патека е онаа која ги поврзува најјужниот и најсеверниот дел на Малешевијата со вкупна должина 45 километри, денивелација од 730 метри и време на минување од 12 часа. Заради должината и траснсверзалниот карактер на патеката, препорачливо е користење на локани водичи. Сето наведено укажува дека на така мала површина што ја има општината Пехчево, има вистинско богатство од атрактивни природни и културно историски објекти. Во последно време овие убавини стануваат достапни за туристите преку подобро уредување, изградба на сместувачки капацитети (сепак има недостаток од легла), поголема промоција и воопшто сите напори што ги прават општинските структури. Затоа одвојте од вашето време и посетете ги прекрасните подрачја и убавини во пехчевско од кои ќе се вратите навистина восхитени.

Општина Пехчево © 2013 - Сите права се задржани.

Изработил Сашко Павловски