ГИС модели

Географски информациски систем (ГИС) е систем за управување со просторните податоци и карактеристиките што им соодветствуваат. Во најстрога смисла тоа е компјутерски систем што е способен за интегрирање, складирање, уредување, анализа и прикажување на географски информации. Во поширока смисла ГИС е орудие на „паметна карта“ што им остава можност на корисниците да поставуваат интерактивни прашања (истражувања што ги создава корисникот), да ги анализираат просторните информации и да ги уредуваат податоците. Денес речиси не може да се замисли просторен сегмент од човековото живеење каде не се користи ГИС, од научни истражувања, управување со ресурсите, управување со имоти, планирање на развојот, просторно планирање, картографија и планирање на инфраструктурата. ГИС често се користи и за потребите на геологијата, градежништвото, сообраќајот, но и во сите области што користат податоци кои се поврзани со карти. Во современиот свет, речиси сите просторни активности се планираат и изведуваат со помош на ГИС бидејќи тоа штеди доста време, финансии, има висока точност, достапност до широк круг и многу други предности.

мозаик од модели

Сето претходно наведено беше во предвид при креирање на детална и прецизна ГИС база на општината Пехчево. Всушност, таа е една од ретките општини во Република Македонија која поседува комплексен и оперативен ГИС. Меѓу главните предности на ГИС која е искористена во овој случај е можноста за моделирање на различни просторни појави и процеси. За таа цел, потребните просторни податоци се распоредени во неколку тематски нивоа (т.н слоеви или леери) во форма на дигитални карти (на пример дигитален модел на релјефот, сателитски снимки, хидрографската мрежа, распоред на населбите, инфраструктурата и др.). Со логичко или целно преклопување на слоевите од различните тематски нивоа, може директно да се врши споредување на овие две состојби, со што ја олеснува работата на вработените во Општинската администрација како и граѓаните кои дирекно од својот компјутер, таблет или паметен телефон, може да направат увид на бараната состојба.
Со цел оформување на соодветна ГИС база на податоци и модели за општината Пехчево (како дел од проектот: „Заеднички апликативни истражувања за заштита на природните ресурси и животната средина во прекуграничниот регион на општините Пехчево и Симитли“), изведени се следните постапки:

релјефни ресурси1.  Внесени се и картирани во ГИС сите значајни природни ресурси во општината (геолошки, релјефни, климатски, хидрографски, вегетациски, почвени),
2.  Внесени се и моделирани потенцијално ризичните појави и подрачја кои можат да предизвикаат или веќе предизвикуваат штети во општината Пехчево,
3. Изработен е модел на загрозенозеност од појава на претерана ерозија,
4. Изработен е модел и сценарија за подрачја со ризик од појава на свлечишта,
5. Изработен е модел и сценарија на подрачја загрозенозени од поплави,
6. Изработен е модел и сценарија на загрозенозеност од појава на пожари,
7. Изработена е дигитална карта на загрозенозеност од сеизмички непогоди,
8. Внесени се и дигитализирани соодветните растерски, векторски податоци и сателитски снимки на областа.
9. Овозможен е кординиран ГИС мониторинг на ресурсите и на ризиците со перманентно внесување на настанати промени, навремено реагирање, проценка на загрозеноста и навремено преземање на акција. Истото може да се остварува преку соодветни набљудувачки теренски и сателитски следења во реално или блиску реално време.
10. Подготвени се ГИС модели за ризик, правец и обем на ширење на шумски пожар, можни активирања на свлечишта по период на врнежи, делници на водотеци под ризик од поплави и сл.
11. Обучени луѓе кои би биле во можност да работат на креираниот ГИС систем, да ги користат и надополнуваат гео податоците во системот со цел перманентно ажурирање.

ГИС-2

За реализација на таквата сеопфатна и сложена ГИС апликација, користени се соодветни, современи и репре­зен­­тативни извори на податоци, како што се:

– Дигитална топографска карта од АКН (Агенција за катастар на недвижности) на Ре­пуб­­лика Македонија, во размер 1:25.000, вклучувајќи го 20-метарскиот дигитален мо­­дел на релјефот, речната, патната, населбинската мрежа и други елементи. За про­ек­тот, од особено значење беше користење на квалитетен дигитален модел на рел­је­фот, а 20 m ДЕМ од АКН во таа смисла е добро решение;
– Основна геолошка карта (ОГК) 1:100.000 лист Делчево и толкувач за истата, која е ди­ги­тализирана и растеризирана (1974);
– Основна геолошка карта (ОГК) 1:50.000 и толкувач за неа, лист Делчево D (2009);
– Инженерско-геолошка карта на СРМ, 1977 година;
– Топографски карти во размер 1:100.000 и 1:25.000 за подрачјето на Пехчево;
– CORINE Land Cover, растерски модел на покровност на земјиштето, состојба 2006 го­дина. Поради можните отстапувања, извршена е детална проверка на моделот;
– Сателитски снимки од серијата Landsat MS, TM ETM+, 1975-2012 година;
– Сателитски снимки во висока резолуција од Google Earth, особено делот со исто­ри­ски преглед на снимките, за овој простор достапни од 2006 година;
– Детална почвена карта на областа од монографијата Малеш и Пијанец, издание на МАНУ 1984 година и други.

Добиените ГИС модели се претставени во менијата „ПРИРОДНИ РЕСУРСИ“ и „ГИС НА НЕПОГОДИ“, односно во соодветните подменија.

Општина Пехчево © 2013 - Сите права се задржани.

Изработил Сашко Павловски